„Повардарие“ онлајн – Нови дигитални алатки за економски раст и регионална промоција обезбедени преку „ЕУ за општините“

Со цел зајакнување на локалниот економски развој и промоција на регионалните потенцијали, Организацијата за менаџмент на дестинации (ДМО) ја промовираше новата веб-платформа: www.povardarie.mk. Повардарие со ова прави важен чекор кон позиционирање како препознатлива регионална дестинација на европската и светската мапа.

Формирањето на ДМО „Повардарие“ е резултат на долгогодишна поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за општините“. Станува збор за прва меѓуопштинска соработка од ваков обем во Северна Македонија, во која дури 11 општини ги здружуваат своите капацитети за заеднички туристички, културен и економски развој.

Преку овој проект, Повардарскиот регион станува видлив и достапен за меѓународната јавност, овозможувајќи модерен пристап до туристичките и економските вредности на локалните заедници. Општините веќе ги препознаа придобивките од ваквата соработка, што се потврдува и преку нивната подготвеност за кофинансирање и инвестирање сопствени средства во долгорочната одржливост на иницијативата.

Општините ја согледаа предноста на оваа меѓуопштинска соработка и како механизам кој овозможува побрз развој и подобра искористеност на ресурсите преку веќе воспоставените функционални тела на организацијата. На овој начин, локалните власти на дело покажуваат дека се целосно подготвени стратешки да инвестираат во иднината на својот регион, што беше и една од целите за одржливост на програмата „ЕУ за општините“.

Веб-платформата овозможува централизирана презентација на туристичките понуди, локалните бизниси и настани, како и директна интеракција со посетителите. Таа е дизајнирана и како функционален и одржлив мост помеѓу јавниот и приватниот сектор, овозможувајќи им на локалните компании директно да објавуваат специјални понуди и да станат директни креатори на регионалниот развој. Ваквиот инклузивен пристап носи директни придобивки за самите граѓани преку отворање нови економски можности и подигнување на квалитетот на услугите. Оваа веб-страница е поставена како долгорочна алатка која преку своите специфични функционалности ќе овозможи растечка промоција на локалниот туризам на транспарентен и ефикасен начин.

Во изминатите шест години, програмата „ЕУ за општините“ постигна мерливи и видливи резултати во зајакнувањето на капацитетите на локалната самоуправа во Северна Македонија. Формирањето на Организацијата за менаџмент на дестинации (ДМО) во Повардарскиот регион е само еден од примерите како заедничките напори на Европската Унија и националните партнери во земјите-кандидати за членство во ЕУ создаваат конкретни и долготрајни резултати за доброто на целата заедница. Општини кои се дел од ДМО „Повардарие“: Богданци, Валандово, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Дојран, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман и Чашка.