Повеќе од 60 фирми добиле одобрение за одгледување медицински канабис во Македонија – на 14 им била одземена лиценцата

Јавноста и надлежните институции ги насочија очите кон фирмите за производство на медицински канабис во Македонија, по последните заплени на дрога и апсења во регионот. Во Србија беа запленети пет тони марихуана, а еден од сопствениците на фирмата Алфафарм ДОО Скопје, која од 2024 година има одобрение за производство на медицински канабис, беше уапсен во рамките на акцијата.

По овие настани, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага и за случаите во Македонија. Последниве два дена, во координација со Министерството за внатрешни работи, ОЈО ГОКК спроведува акции во фирми за производство на медицински канабис.

Од Министерството за здравство за еМагазин велат дека од легализацијата на медицинската марихуана во 2016 година, вкупно 61 фирма добила одобрение за одгледување канабис за медицински цели. Од нив, на 14 фирми им било одземено одобрението, а за четири се води постапка за одземање поради утврдени неправилности.