Повратот на МојДДВ доцни и покрај законскиот рок – УЈП со објаснување

Управата за јавни приходи (УЈП) сè уште нема утврдено точен датум кога граѓаните ќе го добијат повратот од МојДДВ. Од институцијата велат дека исплатата се очекува да продолжи оваа недела, но не ја исклучуваат можноста дел од средствата да бидат префрлени и во текот на следната.

Законскиот рок за повратот на ДДВ за лицата кои скенираат фискални сметки истече пред два дена.

Од УЈП објаснуваат дека доцнењето се должи на технички проблеми, поточно на променета банка или трансакциска сметка кај дел од корисниците. Поради неточни податоци, системот ги враќал пратките и средствата не можеле да бидат исплатени.

Денеска се изготвени налози за исплата кон над 155 илјади корисници, во вкупен износ од околу 4,4 милиони евра, но сè уште нема прецизен термин кога процесот ќе биде целосно завршен.

„Останува симболичен износ кој може да се јави како разлика доколку некој од налозите не биде успешно реализиран поради неточни податоци во системот“, наведуваат од УЈП.

Од Управата уверуваат дека исплатата е во тек и дека обезбедени средства има, нагласувајќи дека нема простор за сомнежи дека повратот ќе изостане кај корисниците кои ги скенирале своите фискални сметки.

За третиот квартал, фискални сметки скенирале повеќе од 515 илјади корисници. Досега, поврат добиле околу 360 илјади, додека останатите сè уште чекаат поради техничките проблеми.

Во изминатите шест години, откако проектот функционира, исплатите најчесто се реализирале до 10-ти, односно најдоцна до 15-ти по истекот на законскиот рок од 60 дена по завршувањето на кварталот.

Максималниот износ на поврат што може да го добие еден корисник изнесува 2.100 денари.