Во големата судница во затворот во Идризово денеска продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, каде сведочеа повеќе лица, меѓу кои и повредената Ана Зафировска.
Таа е една од преживеаните од трагедијата на 16 март минатата година, во која загинаа 63 лица, а над 230 беа повредени. Во своето сведочење, Зафировска опиша дека локалот бил преполн и покрај тоа што имало обезбедување, како и дека меѓу присутните имало и малолетници.
„Додека стигнав од масата до вратата, диското изгоре“, изјави таа, додавајќи дека вечерта имало и полициска рација, но музиката не била прекината.
Сведочеше дека пожарот избувнал од пиротехника и дека во моментите на паника никој не ги насочувал луѓето каде да се движат.
„Никој не ме упати каде да одам кога избувна пожарот“, рече Зафировска, која била заглавена во стампедо и се здобила со изгореници на левата рака, по што поминала 42 дена на лекување.
За време на распитот, дел од прашањата на одбраната предизвикаа реакции во судницата. Откако сведочеше дека видела како горат сунѓер и стиропор, адвокатка ја праша дали е „градежен експерт“ за да тврди што точно горело.
„Се гледаше што гори“, одговори таа.
Во текот на распитот ѝ беа поставени и прашања поврзани со тоа дали ѝ пречела пиротехниката на други места, дали имало подиум за играње, како и дали се сеќава кој ја извлекол од стампедото.
На забелешка од адвокат дека „се сеќава на сѐ, освен на тоа кој ја спасил“, сведокот реагираше:
„И вас да ве стават во такво стампедо, ќе видите дали ќе се сеќавате“, рече Зафировска.
Дополнително, таа беше прашана и како утврдила дека имало малолетници во објектот.
„Таму излегував од 17 години, значи од малолетна. Се гледа по изгледот дека се помали. Не им ги знам датумите на раѓање, но видете и колку малолетници има меѓу починатите“, одговори таа.
Меѓу прашањата беше и дали во објектот имало експлозија, на што Зафировска изјави дека слушнала пукање на шишиња и дека во еден момент снемало струја.
Еден од адвокатите ја праша и дали за време на ковид-пандемијата излегувала во „Пулс“.
Судењето продолжува со изведување на докази и сослушување сведоци.
