Системот за рана детекција на шумски пожари со смарт-камери на Центарот за управување со кризи (ЦУК) навреме детектирал пожар во атарот на селото Никуштак, во Општина Липково, информира директорот на ЦУК, Мухамед Али.
По детектирањето на пожарот, веднаш биле известени Територијалната противпожарна единица Куманово и Подружницата на „Национални шуми“ – Куманово, за да бидат преземени соодветни мерки и да започне интервенција на терен.
Од ЦУК посочуваат дека системот за рана детекција им овозможува на операторите во Секторот за операции и координација да ги контролираат и насочуваат камерите и во реално време визуелно да ја следат состојбата со пожарот.
На тој начин, покрај следењето на огнот, системот овозможува и навремена координација и насочување на расположливите ресурси на терен. Преку камерите може да се следи и правецот на ширење на пожарот, што треба да придонесе за поефикасно дејствување на екипите сè до неговото локализирање и целосно гаснење.
Од ЦУК нагласуваат дека употребата на системот за рана детекција овозможува побрза реакција при појава на шумски пожари и подобра координација на службите што интервенираат на терен.