Македонија

Пожарот кај Македонски Брод навлегува кон „Јасен“, активирани сите три „Ер трактори“

Пожарот кај Македонски Брод навлегува кон „Јасен“, активирани сите три „Ер трактори“

Пожарот кој од подрачјето на Македонски Брод се движи кон ловиштето „Јасен“ е ставен под засилен воздушен и копнен надзор, а во неговото гаснење се вклучени сите три авиони „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека авионите интервенираат од воздух за да им помогнат на екипите на терен кои се обидуваат да го спречат ширењето на огнот кон шумскиот појас во ловиштето.

Ангелов предупреди дека ситуацијата може да стане сериозна доколку пожарот навлезе подлабоко во боровата шума.

„Засега огнот не е толку низок, но доколку навлезе во боровата шума, може да ни се повтори она што ни се случи“, изјави Ангелов.

Активен останува и пожарот во близина на границата меѓу општините Струга и Дебар, во атарот на селото Селце. На терен во моментов интервенираат локалните пожарникари од Струга, а дополнителни екипи се очекува да бидат испратени рано наутро, со оглед дека пожарот сè уште не е ставен под целосна контрола.

Според Ангелов, наредните денови повторно ќе бидат предизвикувачки во однос на пожарите, поради што тој упати апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни и да не преземаат активности кои би можеле да предизвикаат нови пожари на отворен простор.

Надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата на терен и со ангажирање на воздушни и копнени сили таму каде што има опасност од ширење на огнот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни