Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го утврди редоследот на гласачкото ливче за повторените локални избори во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше, кои ќе се одржат на 11 јануари.
Со јавна ждрепка беше одредено ВРЕДИ да биде под реден број 1, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ под број 2, НАИ под број 3, коалицијата предводена од СДСМ под број 4, група избирачи со носител Зулхајрат Демири под број 5 и Демократската партија на Турците во Македонија под број 6.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека општинските изборни комисии претходно ги потврдиле кандидатските листи, а Комисијата ќе ги објави и описите на избирачките места на официјалната веб-страница, со цел навремено информирање на граѓаните.
На седницата беше усвоен и планот за едукација на избирачките одбори за повторените избори, како и одлуки поврзани со изборното рекламирање и исплата на надоместоци за ангажирани лица со знаковен јазик.
Од ДИК посочија дека сите подготовки за организација на повторените избори се одвиваат согласно роковите и законските обврски.