Папата Франциск сè уште е во опасност, но неговиот живот во моментов не е загрозен, изјави д-р Серџо Алфиери од римската болница Ѓемели, каде што Папата се лекува од инфекција на респираторниот тракт и билатерална пневмонија.
„Папата е добро расположен и понекогаш се шегува“, рече тој, додавајќи дека папата ќе остане во болница следната недела.
Според лекарите, Папата е свесен дека неговата здравствена состојба е сериозна.
Алфиери додаде дека папата Франциск понекогаш останува без здив, поради што понекогаш користи кислород, иако не е постојано приклучен на ниту една машина.
Лекарот рече дека папата ќе остане во болница „барем цела наредна недела“, но дека дише спонтано и дека може да јаде.
Прес-службата на Ватикан во вторникот објави дека на папата Франциск му била дијагностицирана билатерална, почетна пневмонија, што дополнително го отежнува неговото лекување.
Поглаварот на Римокатоличката црква повеќе од една недела се бори со респираторна инфекција, а на 14 февруари беше примен во римската болница Ѓемели.
Лекарите потврдија дека папата е особено подложен на белодробни инфекции бидејќи како млад страдал од плеврит и хируршки му бил отстранет еден дел од крилото на белите дробови.