Пратениците со барање до Ковачевски: Да се појави пред Комисијата и да ги достави нацрт-документите за договорот меѓу Македонија и Бугарија
РРедакција|
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски денеска на прес конференција посочи дека испратиле барање до премиерот Димитар Ковачевски во текот на месец април да се појави пред Комисијата за надворешна политика и да ги достави нацрт-документите за кои што Владата на Македонија ги договара со официјална Софија.
„За да можеме во еден заеднички и инклузивен процес да ги разгледаме овие прашања кои се важни во македонско-бугарските односи, а исто така се важни и за евроинтеграциите. Ова го баравме од премиерот Ковачевски бидејќи самите по кодексот на Владата напоменуваа во членот 1 дека носителите на извршни функции редовно ќе даваат отчет пред Собранието, но исто така и го бараме врз основа на членот 68 од Уставот каде што Собранието има уставна надлежност да врши политичка контрола над извршната власт“, вели Милошоски.
Тој додава дека на „крајот на краиштата, македонско-бугарските односи и најважните документи во овие билатерални релации, како што е договорот за добрососедство, веќе имаме установена пракса од 2017 година кога тогашниот премиер со високи претставници од МНР побара да имаме седница на Комисијата за надворешна политика и истата да биде затворена и на барање на пратениците, таа се случи каде што се разгледа нацрт-договорот за добрососедство потпишан во 2017 година помеѓу Македонија и Бугарија“.
„Очекуваме позитивен одговор од премиерот Ковачевски, доколку вистински се залага за принципите за инклузивност, на отчетност и на заедничко работење на сите институции, вклучително и на пратениците како народни избраници, за доброто на државата да поразговараме на една седница за најновите нацрт-документи кои што Македонија веќе ги преговара со официјална Софија“, вели тој.