Македонија

„Правилата не се менуваат среде игра“ – Историска грешка ако Скопје и Тирана не добијат датум

За разлика од францускиот Претседател, Емануел Макрон кој бара реформи во преговарачкиот процес, па дури потоа да се даде датум за старт на преговорите, поинаку размислуваат останатите земји-членки. Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, пред почетокот на лидерскиот Самит, рече дека може да се дебатира за методологијата на преговарачкиот процес, но не смеат да се менуваат правилата сега.

-Не може правилата да се менуваат додека се игра натпреварот, не е фер. Новата методологија, која ја сугерира пред сѐ Франција, ќе ги донесе земјите во различни положби, Србија и Црна Гора во однос на тоа што утре би го правеле северна Македонија и Албанија со новата методологија, па што ли ќе биде со Босна и Косово. „Да” за расправа, но менување на правилата на игра во тек, „не”-вели Пленковиќ.

Пленковиќ е „за“ почеток на преговорите со Македонија и Албанија, исто како неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, кој рече дека би било историска грешка доколку овојпат Европскиот совет не даде датум за почеток на преговорите.

-Ние имаме јасен став по ова прашање. Многу е важно за Балканот, за регионот и за меѓусоседските односи на Северна Македонија и Албанија да им се даде перспектива за Европската унија. Во спротивно, отсекогаш имам кажувано што ќе се случи со регионот – би било историска грешка доколку не им се даде датум за отворање на преговорите. Имаме многу претензии кон нив, особено кон Северна Македонија, но не можеме да ги попречиме да ги почнат преговорите, а потоа да ги решаваме спорните прашања, нешто за кое имаме зборувано веќе неколку пати во Софија“, рече Борисов.

Во поддршка на евроинтеграцискиот пат на Скопје и Тирана излегоа и премиерите кои се дел од Вишеградската група. Тие побараа од претседателот на Европскиот совет, Доланд Туск, да поддржи старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија за време на Самитот на ЕУ. Во писмо, премиерите на Полска, Словачка, Унгарија и Чешка, го изразија своето незадоволство од непостигнувањето консензус за почеток на преговорите за членство на двете земји.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни