Во пресрет на локалните избори, здружението „Инклузива“ ги повика граѓаните да ја покажат својата волја за инклузија, а политичките партии да креираат политики во консултација со лицата со попреченост, бидејќи клучните локации – од партиски штабови до гласачки места – сè уште остануваат физички недостапни за нив.
Иако од здружението го поздравуваат фактот што на советничките листи има шест кандидати со различна попреченост како напредок, тие нагласуваат дека тоа не е доволно за суштинска вклученост.
„Идентификувавме дека ретко која партија има канцеларии што се пристапни за да можат да им се приклучат граѓаните со попреченост. Многу ретко ги вклучуваат во носењето на политиките, тоа е инклузивноста, да креираат политики, да бидат вклучени на листи, но и да се слушаат нивните барања“, истакна Благица Димитровска од „Инклузива“ Куманово.
Проблемот со непристапноста е најголем на денот на изборите, бидејќи најголем дел од гласачките места се сместени во образовни установи без лифтови и пристапни рампи. Оваа бариера, според Димитровска, се надоврзува на секојдневните пречки со кои се соочуваат овие лица, како што се непристапни здравствени домови, градинки и узурпирани тротоари.
„Во здравствен дом немаме прилаз со количка, имам внуки, количката мора да ја оставам надвор“, сведочи една жителка на Куманово.
Поради ова, од „Инклузива“ бараат не само физичка пристапност, туку и информациска, односно изборните програми на партиите да бидат достапни во соодветни формати за да можат сите граѓани да донесат информирана одлука.
Извор: МРТ
Читај и ова:
- 1.ГАЛЕРИЈА Сјај и беда: Двете лица на градот крај реката
- 2.Дневен хороскоп – сабота – 27 септември 2025 година
- 3.Изгоре продавницата на „Синсеи“ во Неготино пред официјалното отворање
- 4.Три неработни денови за сите граѓани остануваат до крајот на оваа година
- 5.ДЕНЕС Е КРСТОВДЕН: Тежок празник и строг пост!