Свет

Празни 260.000 работни места во Германија – најголем недостиг на кадар во здравството и градежништвото

Празни 260.000 работни места во Германија – најголем недостиг на кадар во здравството и градежништвото

Германија се соочува со сериозен недостиг на квалификувани кадри во повеќе области, а најизразен е проблемот во здравството и градежништвото, покажува најновата студија на Германскиот економски институт (IW) од Келн, пренесуваат германските медиуми.

Истражувањето првпат го мапира недостигот на стручни кадри по сектори, а според податоците, во текот на минатата година повеќе од 260.000 работни места во десетте најзасегнати области не можеле да се пополнат со соодветно квалификувани работници.

Најголем недостиг во здравството

Според студијата, најтешко е во здравствениот систем каде што во 2024 година ќе останат празни околу 46.000 работни места. Недостигаат најмногу физиотерапевти (12.000), медицински сестри (7.000) и стоматолошки асистенти (6.800).

Недостиг и во градежништвото и јавната администрација

Градежниот сектор бележи недостиг од речиси 41.300 квалификувани работници, особено во електроиндустријата, водоводните, грејните и климатизациските системи. Веднаш зад него се наоѓаат јавната администрација и социјалните служби, а индустрискиот сектор е на четвртото место.

Сè поголема потреба и во социјалните услуги

Недостиг на стручен кадар е забележан и во социјалните установи и домовите за нега. Во 2024 година, околу 26.400 работни места во организациите за социјални услуги и 16.400 во установите за резиденцијална нега останале непополнети поради недостиг на квалификуван персонал.

Пазарот на трудот останува ранлив

Експертите предупредуваат дека и покрај тоа што недостигот на кадар малку се намалил поради слабата економија, пазарот на трудот и натаму е под сериозна закана.

„Недостатокот на квалификувани работници продолжува да се чувствува, особено во клучните сектори за снабдување. Тоа го гледаме секојдневно – во здравството има долги листи за чекање, а градежништвото заостанува со изградбата на станови,“ наведуваат истражувачите од IW.

Тие препорачуваат целна стратегија за задржување и привлекување на кадар, која би вклучила преквалификација на постојните работници, стимули за подолг работен век и активна политика за имиграција на стручни лица.

И покрај големиот број непополнети позиции, невработеноста во Германија е на високо ниво, што, според институтот, дополнително ја влошува финансиската состојба на Агенцијата за вработување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни