Македонија

Предметот за убиството кај „Пластичарска“ е во фаза на судење, адвокатката Јакимовска не дала изјава за медиумите

Предметот за убиството кај „Пластичарска“ е во фаза на судење, адвокатката Јакимовска не дала изјава за медиумите

Порталот 4news.mk, во согласност со Законот за медиуми и Етичкиот кодекс на новинарите, во целост го објавува демантот на адвокатката Иванка Јакимовска, бранител по службена должност во предметот поврзан со настанот кај „Пластичарска“.

Реакцијата уследи по објавениот текст на нашиот портал на ден 11.06.2026 година, со наслов „Енес Демири ослободен од обвинение за убиството кај Пластичарска“, во кој беа пренесени наводни изјави и информации за повлекување на обвинението.

Одбраната негира какви било изјави за случајот

Во своето официјално барање за објава на демант, адвокатката појаснува дека информациите изнесени во текстот се неточни и невистинити. Таа децидно нагласува дека ниту комуницирала со медиуми, ниту пак дала изјава во која се тврди дека обвинението против нејзиниот клиент е повлечено.

„Јас, адвокат Иванка Јакимовска, бранител по службена должност на гореспоменатото лице, немам изјавено вакво нешто ниту пак сум контактирала, односно комуницирала со кој било друг медиум поврзан со кој било судски предмет во којшто застапувам“, се наведува во демантот на Јакимовска.

Судскиот процес сè уште е во тек

Наспроти првичните информации, одбраната укажува дека правната разрешница за овој случај сè уште не е донесена и дека постапката се наоѓа во активна фаза пред надлежниот суд.

„…најмалку за предмет како овој којшто се наоѓа во фаза на судење. Од тие причини барам да го објавите овој демант и да го повлечете текстот од причина што истиот е со неточна и невистинита содржина“, посочува адвокатката.

Редакцијата на 4news.mk, следејќи ги принципите на точност, проверка на факти и одговорно новинарство, веднаш по добивањето на реакцијата го повлече спорниот текст. Изразуваме жалење за евентуалните непријатности или недоразбирања предизвикани од првичната објава и остануваме посветени на објективно следење на судскиот процес во рамките на законските процедури.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни