Македонија

„Преговорите треба да ги менуваат институциите, не идентитетот“ – порача Мицкоски од Њујорк

„Преговорите треба да ги менуваат институциите, не идентитетот“ – порача Мицкоски од Њујорк

Европската интеграција, стратешкото партнерство со САД и инфраструктурното поврзување беа меѓу темите за кои премиерот Христијан Мицкоски говореше на самитот „Конкордија“ во Њујорк. На панел-дискусијата со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, Мицкоски се осврна и на долгогодишниот процес на пристапување на Македонија кон Европската Унија и на прашањата кои, според него, го забавуваат процесот.

„Направивме премногу отстапки, но веруваме во европските вредности“

Мицкоски оцени дека долгото чекање за членство во ЕУ предизвикало голема фрустрација кај граѓаните, особено поради отстапките што, според него, земјата ги направила во изминатите децении.

„Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој камен-темелник“, рече премиерот.

Тој потсети на промените што се случиле во изминатиот период, меѓу кои ги наведе знамето, Уставот и уставното име.

„Ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација“, порача Мицкоски.

„Преговорите треба да ги менуваат институциите, а не идентитетот“

Говорејќи за процесот на пристапување кон ЕУ, Мицкоски рече дека за неговата генерација тој претставувал можност за реформирање на институциите и усогласување со европските стандарди.

„За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите и не да се промени идентитетот“, рече Мицкоски.

Според него, дел од земјите членки се обидуваат преку европскиот процес да решаваат билатерални прашања.

„И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас“, изјави премиерот.

Мицкоски: Од Брисел пристигнуваат и позитивни пораки

Премиерот се осврна и на последните сигнали од Брисел, посочувајќи го состанокот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тиват.

Според него, на средбата биле испратени „исклучително позитивни“ пораки, а Франција и Германија презентирале неформален документ кој, како што рече, би можел да биде преточен во официјална политика на ЕУ.

„Ќе видиме. А во меѓувреме ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија продолжува со реформите и економскиот развој и покрај застојот во процесот на интеграција.

Продлабочување на стратешкото партнерство со САД

Мицкоски говореше и за односите со Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека стратешкото партнерство меѓу двете земји продолжува да се продлабочува.

Како примери ги посочи соработката во воената индустрија и енергетиката, како и проектот за ископување антимон со поддршка од американската агенција ДФЦ.

„Мислам дека односите меѓу двете земји стануваат сè подлабоки со текот на времето“, рече премиерот.

Тој додаде дека Македонија сака да биде пример за американското присуство во регионот и Европа.

Во фокусот нафтоводот, гасната инфраструктура и Коридорите 8 и 10

Меѓу темите на кои се осврна Мицкоски беа и инфраструктурните проекти кои, според него, имаат стратешко значење за земјата.

Тој го посочи обновениот нафтовод кој го поврзува Солун со македонската рафинерија, како и изградбата на гасната инфраструктура кон Грција и Србија.

Според најавите, гасниот интерконектор кон југ треба да почне со работа најдоцна до крајот на четвртиот квартал од 2027 година, додека северниот интерконектор кон Србија е планиран за крајот на 2028 година.

Мицкоски посебно ги истакна Коридорите 8 и 10.

„Двата коридора практично се сечат неколку километри североисточно од нашиот главен град“, рече тој, додавајќи дека тие се значајни и за источниот дел од НАТО.

Мицкоски: Растот во вториот квартал е 4,3 отсто

Во економскиот дел од обраќањето, премиерот ги презентираше податоците за вториот квартал од 2026 година.

„Последните податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат дека нашиот реален раст беше 4,3 проценти — номинално над 8 проценти, што нѐ става меѓу првите три земји во Европа според годишниот раст“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека еден од приоритетите на Владата по изборите во 2024 година бил стабилизирањето на институциите, макроекономијата и јавните финансии.

Мицкоски се осврна и на инфлацијата, наведувајќи дека во август таа била под европскиот просек.

„Практично, ја држиме инфлацијата меѓу 2 и 2,5 проценти, што нѐ прави најдобра земја во регионот и меѓу најдобрите во Европа“, рече премиерот.

Во завршницата на обраќањето, Мицкоски оцени дека економската состојба се подобрува и изрази очекување позитивниот тренд да продолжи и во наредниот период.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни