Сообраќајот на патниот правец Скопје – Македонски Брод преку Ј.П. „Јасен“ денеска ќе биде во целосен прекин во два термина, информираат надлежните служби. Од 10:30 до 11:00 часот ќе биде затворен правецот Македонски Брод – Скопје, додека од 12:00 до 12:45 часот во прекин ќе биде сообраќајот од Скопје кон Македонски Брод.
Дополнително, на патниот правец Куманово – Скопје, кај клучката Хиподром, воведена е девијација поради сообраќајна незгода. Возачите се упатуваат да ја следат поставената сигнализација и да се движат внимателно.
Според последните информации, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, но тие не се задржуваат на коловозот. Намалена видливост поради магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри.
Од 15 ноември 2025 година во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови. Обврската ќе трае до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат на прилагодена брзина и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
