Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг, повика на итна акција за промовирање на либерализацијата на трговијата и заштита на глобалните заеднички интереси, предупредувајќи дека светот влегува во „хаотична“ транзиција кон постамерикански поредок, пишува „Фајненшал тајмс“.
Во интервју дадено во неговата канцеларија, Вонг изјави дека светот се наоѓа во средина на голема транзиција што може да трае и цела деценија. „Нема сомнеж дека ќе биде хаотично и непредвидливо, бидејќи Америка се повлекува од својата улога на глобален гарант, а нема друга земја што е подготвена или способна да го пополни тој вакуум“, рече тој.
„Времето за акција е сега“
Сингапур, како голем корисник на глобализацијата и мултилатерализмот по Втората светска војна, не може да си дозволи да „чека нештата да се случат или да се надева дека магично ќе се наместат“, додаде Вонг. Тој нагласи дека мора да се делува веднаш – „во градење нови трговски врски и одржување на замавот на либерализацијата на трговијата“.
„Не можеме тоа да го направиме сами, но ќе го направиме заедно со други истомисленички земји“, порача Вонг.
Неговите коментари доаѓаат пред две важни средби на регионални лидери следната недела – самитот на АСЕАН во Малезија и форумот на Азијско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја, на кои се очекува да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Влијание на Трамповите царини
Како важно трговско средиште, Сингапур е една од земјите најмногу изложени на нарушувања во глобалната трговија што ги предизвикаа Трамповите царини. Иако Сингапур доби релативно ниска царинска стапка од 10%, повеќето негови соседи беа погодени со 19%, што претставува закана за сложените регионални синџири на снабдување.
Вонг како пример на здружување на помали нации за промовирање на отворена трговија го посочи неодамна создаденото Партнерство за идни инвестиции и трговија, основано од Сингапур, Обединетите Арапски Емирати и Нов Зеланд. Тој додаде дека постои потенцијал за трговски договор меѓу ЕУ и АСЕАН. „Се наоѓаме во свет каде глобалниот систем станува сè потесен и потежок за функционирање, но сакаме да ги задржиме отворени артериите на трговијата и можеби да создадеме нови“, објасни Вонг.
„Канаринец во рудник“
Премиерот инсистира дека е потребна нова мултилатерална архитектура, бидејќи агендата „Америка на прво место“ на администрацијата на Трамп не е привремена појава, туку „одраз на поширока промена во политичката култура и самото општество“.
Описувајќи ја економијата на Сингапур како „канаринец во рудникот на јаглен“, Вонг рече дека веќе се забележуваат знаци дека компаниите се воздржуваат од инвестиции и вработување. „Бидејќи сме толку отворени и изложени на надворешното окружување, први ги чувствуваме неговите слабости“, изјави тој, додавајќи дека забавувањето почнало да се чувствува во втората половина од годината. Економијата на град-државата порасна за 2,9% во третиот квартал, што е пад во однос на 4,5% во претходниот.
Балансирање меѓу САД и Кина
Способноста на Сингапур да одржи блиски односи со Кина, својот најголем трговски партнер, и цврст сојуз со САД е под невиден притисок откако Трамп дојде на власт. Сепак, Вонг смета дека Кина моментално не е ниту способна, ниту подготвена да ја замени Америка како доминантна сила.
„Тоа сè уште е земја со среден приход и многу внатрешни предизвици“, рече тој. „Значи, сè уште не се појавил нов глобален лидер, и се наоѓаме во ова многу непредвидливо, хаотично време на транзиција.“
Вонг призна дека е тешко да се остане неутрален по прашања како што е американската контрола на извозот на полупроводници во Кина. „Во однос на Америка, воспоставивме силни механизми што ѝ овозможуваат на американската влада да ги истражува компаниите од интерес во Сингапур доколку сака“, рече тој, додавајќи дека слични механизми ќе им бидат понудени и на други земји.