Пресуда за дивоградбата кај Мавровка: Сопственикот казнет со 50 евра

Условна казна и 50 евра за судски трошоци. Толку го чинеше сопственикот на кафулето „Фонтана“ во Мавровка авантурата од привремен објект да дигне неколку катна зграда, пишува Призма, повикувајќи се на официјалната пресуда добиена од судот.
„Едно признание на вина, условна казна, и судски паушал од 3.000 денари. Накусо ова е среќниот крај на приказната за тоа бетонско здание пред трговскиот центар.

Ако лани во септември, Мевлудин Алити заедно со неговиот адвокат пред медиумите говореше дека правдата е на нивна страна и оти потрагата по неа ќе стигне до судот во Стразбур, приказната доби сосема поинаков тек, и тоа буквално во само едно судско рочиште.“ – пишува Призма

Објектот почна да се руши веднаш по формирање на новата Влада минатата година, откако претходно, неколку месеци државата „не можеше да го најде“ сопственикот.
За рушењето беше ангажирана механизација на државата, а целиот настан медиумите го пренесуваа во живо.

„За делото „бесправно градење“ во ставот 1, за кое беше обвинет Алити, во Кривичниот законик е предвидена затворска казна од три до осум години.

Но, во конкретниот случај, судот во пресудата утврдил дека може да му се ублажи казната, „ако се има предвид околноста дека обвинетиот претходно не е осудуван“.“ – пишува Призма.