Претрпел физички болки и страв – селанец од кичевско доби 300.000 денари надомест за напад од мечка

Селанец од кичевско ќе добие 300 илјади денари надомест за претрпени физички и психички последици откако бил нападнат и гризнат од мечка, објави Слободен печат.

Според информациите, настанот се случил во август 2022 година, кога мажот пеш се враќал од својата нива кон домот. Без никаква провокација бил нападнат од мечка, која го совладала и го гризнала, нанесувајќи му повреди на десната страна од челото и слепоочницата, како и нагмечувања на двете дланки и натколеницата.

Повредениот бил хоспитализиран во болницата во Прилеп, каде што му биле хируршки обработени раните, а примил и вакцина против беснило. Поради сериозниот страв и траумата, побарал и психијатриска помош. Болките со силен интензитет, како што е наведено, траеле десет дена, особено во пределот на главата и дланките.

Основниот суд во Кичево првично му досудил 350 илјади денари за нематеријална штета, но случајот завршил пред Апелациониот суд во Гостивар, кој ја преиначил пресудата и ја намалил отштетата на 300 илјади денари.

Одлуката предвидува:

– 100 илјади денари за претрпени физички болки,

– 100 илјади денари за претрпен страв,

– 50 илјади денари за душевни болки поради намалена општа животна активност,

– 50 илјади денари за душевни болки поради нагрденост.

Како што пренесува „Слободен печат“, тужителот во жалбата сметал дека износот треба да биде повисок и дека државата не презела доволно превентивни мерки за заштита на граѓаните од вакви напади. Сепак, Апелациониот суд оценил дека првостепено досудениот износ бил превисок и ја намалил сумата.