Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на предавање на престижниот Светски лидерски форум на Универзитетот Колумбија во Њујорк, упати остри критики кон Европската Унија за нејзината политика на проширување, обвинувајќи ја за „ирационална билатерализација“ на македонскиот случај и злоупотреба на правото на вето.
Пред академската заедница, таа го опиша евроинтегративниот пат на земјата како „маратон кон Брисел“ или како чекање на Годо, нагласувајќи дека застојот негативно влијае на кредибилитетот на Унијата. „Проширувањето не е техничко прашање, туку безбедносен императив“, потенцираше претседателката.
Сиљановска-Давкова остро ја критикуваше практиката на билатерални блокади, правејќи споредба со Скандинавија.
„Многу сакам понекогаш да бидеме како Скандинавците. Шведска, Норвешка и Финска беа земјите што најмногу ги поддржуваа балтичките земји… Напротив, на Балканот, членка на ЕУ не се европеизирала себеси, туку го користи статусот… за да го спречи напредокот на соседот“, рече таа. Претседателката беше децидна дека ветото „не е дел од Копенхагенските критериуми“.
Во своето обраќање, таа го нарече поимот „Западен Балкан“ геополитичка синтагма за „периферија на европската периферија“ или „Ахилова пета“ на Европа, за која интересот се разбудил дури со војната во Украина, бидејќи патот од Брисел до Киев поминува низ регионот.
По предавањето, претседателката одговараше и на прашања од студентите на Колумбија, кои покажале интерес за македонската надворешна политика, уставното уредување и состојбите во регионот. Пред настанот, таа остварила средба и со раководството на Универзитетот.
Читај и ова:
- 1.ГАЛЕРИЈА Сјај и беда: Двете лица на градот крај реката
- 2.ТРАГЕДИЈА ВО СКОПЈЕ: Возач со „Ауди“ усмрти пешак во Лисиче, полицијата го приведе
- 3.Дневен хороскоп – сабота – 27 септември 2025 година
- 4.Изгоре продавницата на „Синсеи“ во Неготино пред официјалното отворање
- 5.Три неработни денови за сите граѓани остануваат до крајот на оваа година