Претставена апликацијата m.uslugi: Личната карта и сите услуги на вашиот мобилен телефон

Владата денеска на Дигиталниот самит на Западен Балкан ја претстави новата национална супер-апликација m.Uslugi, амбициозен проект кој треба да ги смести сите државни услуги и лични документи на граѓаните во нивните мобилни телефони. Премиерот Христијан Мицкоски го најави проектот како „почеток на дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен“, додека министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, го нарече „револуција на умот и делувањето“.

„Ова е една апликација што ја носи државата на дланка – една апликација за сите важни документи, една апликација за сè“, изјави министерот Андоновски.

Што нуди m.Uslugi?

Супер-апликацијата е замислена како дигитален паричник во кој граѓаните ќе можат безбедно да ги чуваат своите најважни документи, вклучително и личната карта. Размената на податоци ќе се врши преку ултра безбеден QR код со највисоки стандарди на енкрипција. Покрај тоа, апликацијата ќе нуди и пристап до најкористените јавни услуги, систем за потсетување за истекување на рокови и електронско сандаче.

„Со гордост ја претставуваме апликацијата m.Uslugi. Таа е симбол на новата ера – сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци, потсетник за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба“, истакна премиерот Мицкоски.

Тест фаза и достапност до крајот на годината

Апликацијата во моментов е во тест фаза и во првата верзија нуди две од најкористените јавни услуги. Владата ги повика сите заинтересирани граѓани, програмери и ентузијасти да ја преземат тест верзијата, да ја испробаат и да дадат свои коментари и мислења. По собирањето на повратните информации, финалната прва верзија на m.Uslugi се очекува да биде официјално достапна за сите граѓани на јавните мрежи (app stores) до крајот на годината.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.