Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска истакна дека зголемувањето на платите на работниците не е приоритет на Владата. Во 9 часот во просториите на ССМ требаше да се потпише Спогодба за утврдување на висината на минималната плата во бруто, со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати во јавниот сектор би се зголемиле за најмалку 6.000 денари, со почеток од февруари 2026 година.
„Не се проблем само минималните плати, туку и ниските плати што ги прима поголем број работници, кои веднаш треба да се зголемат за најмалку 6.000 денари“, истакна ССМ.
Според синдикатот, претставникот на Владата не се појавил на потпишувањето на спогодбата, што го потврдува нивното тврдење дека зголемувањето на платите не е меѓу приоритетите на владејачката гарнитура. ССМ ја критикува Владата за тоа што, и покрај долготрајните барања на Синдикатот на УПОЗ и големите работнички протести, зголемувањето на платите во управата и правосудството се прифаќа само по долгогодишни притисоци.
Синдикатот дополнително посочува дека барањето на поединци за укинување на одредбите од Општиот колективен договор, кои се однесуваат на пресметката на плата по коефициент за сложеност, би значело намалување на платите за околу 130.000 вработени во јавниот сектор за речиси 22 отсто. Ова, според ССМ, би довело до укинување на јубилејни награди, К-15, додатоци за плата и други права кои беа утврдени со колективниот договор.
„Го поставуваме прашањето дали оваа Влада не само што не сака да им даде зголемување на платите на работниците, туку сака да им земе се на работниците!?“, се наведува во соопштението на ССМ.
