Поранешниот министер за транспорт и врски, кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, по две вечери поминати во истражниот затвор Шутка вечерва се враќа во куќен притвор.
Ваква одлука е донесена вечерва откако судот ја прифати жалбата на Јанакиески, по што му ја ублажи мерката од притвор во домашен притвор. Додека пак жалбата за Спиро Ристовски е одбиена и тој и понатаму останува во Шутка.
Јанакиески и Спировски иако само две вечери се во Шутка, како што велат надлежните тие биле предизвикувачи на првично вербална, а подоцна и физичка пресметка.
„Постапувајќи по жалби на одбраната на М.Ј. и С.Р. изјавени против решенија на судија на претходна постапка за прифаќање на предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кои решенија им се определи мерка притвор во траење од 30 дена, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска одржа јавна седница во присуство на странките. По произнесување на странките, како и ценење на фактите и доказите приложени во жалбите и решенијата на судија на претходна постапка, советот донесе решенија со кои: Жалбата на обвинетиот М.Ј. се уважува, а решението на судија на претходна постапка се преиначува со тоа што спрема обвинетиот се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на причините од член 165 ст.1 т.1 и 2 од ЗКП и се забранува на обвинетиот комуникација со лицата опфатени во кривично правниот настан без дозвола од судот. Жалбата на обвинетиот С.Р. се одбива како неоснована и се потврдува решението на судија на претходна постапка“, се вели во соопштението.