Прифатени амандмани за доопремување на Брза помош во амандманската расправа за Буџетот 2026

Комисијата за финансирање и буџет попладнево ја продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026 година. Во текот на расправата беа прифатени неколку амандмани поднесени од опозицијата, со кои ќе се обезбедат средства за доопремување на службите за Брза помош.

Во попладневниот дел од дискусијата главно се разгледуваа амандмани кои се однесуваа на опремување или реконструкција на здравствени установи. Амандманската расправа ќе продолжи и утре, додека според најавите, Предлог-буџетот се очекува да биде ставен на пленарна седница на 9 декември.

Според проекциите за 2026 година, економскиот раст се предвидува на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Државата планира вкупни приходи од 374,7 милијарди денари, вкупни расходи од 413,9 милијарди денари и капитални инвестиции во висина од 40,5 милијарди денари.