Македонската јавност и регионалната музичка сцена тагуваат по смртта на пејачот Владимир Блажев – Панчо, еден од фронтмените на дуото ДНК, кој почина на 46-годишна возраст по повеќемесечна борба за живот.
Блажев, кој се здоби со тешки повреди во пожарот што се случи во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, беше хоспитализиран во приватна клиника во Скопје. И покрај напорите на лекарите, за жал, не успеа да ја добие најтешката животна битка.
Веста за неговата смрт длабоко ја потресе јавноста. На социјалните мрежи со тажни пораки се огласија бројни негови колеги и пријатели од музичката сцена.
Еден од најпотресните постови го сподели Горан Тонев, кој беше дел од ДНК и единствениот што преживеа од несреќата во Кочани.
„Почивај во мир, брате“, напиша Тонев, објавувајќи заедничка фотографија со својот долгогодишен пријател и соработник.
Сочувство изразија и голем број познати имиња од македонската и регионалната сцена – Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Елена Ристеска, Калиопи, Миа Костова, Сергеј Четковиќ и други.
Фолк-пејачот Наум Петрески, кој беше близок пријател на Панчо и Андреј, напиша:
„Патувај со светлината таму кај што нема неправди, те чека целата екипа. Таман помислив дека барем ти се извлече од огнената стихија, но не издржа. Премногу болка и физичка и душевна. Ќе ве паметам вечно. Сочувство до фамилијата.“
Слични пораки упатија и Анета Љумаковска, Сузана Гавазова, Стојне Николова и други негови колеги со кои соработувал низ годините.
Во објавите преовладуваат зборови за неговата добрина, харизма, позитивна енергија и љубовта кон музиката, кои, како што велат пријателите, ќе останат траен спомен на човекот кој остави длабока трага во македонската поп сцена.