Македонија

Пријавена епидемија во Гостивар, надлежните ја следат состојбата

Пријавена епидемија во Гостивар, надлежните ја следат состојбата

Центарот за јавно здравје Тетово попладнево пријави епидемија на територијата на Општина Гостивар поради нагло зголемување на бројот на лица со стомачни тегоби. Од институцијата соопштија дека е надминат неделниот праг за појава на гастроентеритис и дека се преземени сите мерки за следење и контрола на состојбата.

„Сè уште не го знаеме изворот на заразата и причинителот останува непознат. Во тек се испитувања и чекаме резултати за да утврдиме за што станува збор. Редовно ја следиме состојбата, спроведуваме епидемиолошки теренски увиди, ги анкетираме заболените пациенти и за сè дополнително ќе информираме“, изјави епидемиологот д-р Зорица Зафироска.

Според податоците од Општата болница во Гостивар, во последните 24 часа на Инфективното одделение биле прегледани 204 пациенти, од кои тројца се задржани на болничко лекување. На Педијатриското одделение биле примени 140 пациенти, од кои 105 се нови случаи, а 35 дошле на контролни прегледи. Во Ургентниот центар помош побарале уште 9 пациенти.

Од подрачната единица на Центарот за јавно здравје информираа дека се вршат увиди и епидемиолошки анкети и дека во тек е обработка на околу 140 формални пријави за заразна болест. Во истрагата со стручна и лабораториска поддршка е вклучен и Институтот за јавно здравје, чиј тим спроведува микробиолошки испитувања на земените примероци од пациентите, како и детални анализи на примероци од водата со цел утврдување на можни извори на зараза.

Паралелно се применува засилен надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови, во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека утре се очекуваат резултатите од испитувањата на примероците од водата од гостиварскиот водовод, по што ќе биде одлучено за натамошниот тек на постапката во врска со сомневањата за квалитетот на водата. Локацијата во Вруток, по наредба на јавен обвинител, и натаму е обезбедена.

Министерството за здравство апелира до граѓаните строго да ги следат официјалните препораки, редовно да ја одржуваат хигиената на рацете и навремено да побараат медицинска помош доколку почувствуваат повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација. До добивање на лабораториските наоди, надлежните препорачуваат водата од јавниот водовод во Гостивар да не се користи за пиење.

Додека траат анализите и институционалните мерки, Владата донесе одлука интервентно да обезбедува по 50 000 литри бесплатна вода за пиење дневно за граѓаните на Гостивар. Дистрибуцијата ќе се спроведува преку Службата за општи и заеднички работи на седум пунктови низ градот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни