Прилеп во знакот на Свети Никола: 20 години градска слава со познатите „гинисови“ сармички и посна трпеза

Со благослови за радост, здравје и бериќет, Прилеп денеска традиционално го одбележа својот патрон празник – Свети Никола. Центарот на градот беше претворен во голема посна трпеза каде што граѓаните го прославија светецот-заштитник по 20-ти, јубилеен пат.

За прилепчани, еден од најзначајните моменти на овогодинешната прослава беше враќањето на традицијата на виткање мали посни сарми – гастрономскиот симбол со кој градот во 2008 година се запиша во Гинисовата книга на рекорди.

Јубилејот како мотив за иднината

Централниот настан се одржа пред Параклисот во центарот на градот, каде што се освети и пресече славскиот колач. Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека дводецениската традиција е обврска за чување на вистинските вредности.

„Овој јубилеј ни дава уште поголем мотив да продолжиме да ја негуваме традицијата, меѓусебната почит и солидарноста, заедно да градиме и создаваме иднина за генерациите што доаѓаат по нас, не заборавајќи ги основните човечки вредности: почитта, дарувањето и грижата за другиот“, порача Проданоски.

Тој додаде дека целта е Прилеп да се гради како препознатлива и отворена дестинација каде секој гостин ќе ја почувствува убавината на вековната историја.

Пораки за духовност и дарување

Со утринската свечена литургија и верскиот обред чиноначалствуваше Владиката Петар. Тој потсети на суштината на празникот и на ликот на Свети Николај.

„Прославата на ’Свети Никола‘ е вистинска само ако се придржуваме на делата на светецот Николај кој беше заштитник на децата, морнарите, на сиромашните и даруваше постојано“, истакна Владиката Петар.

Традицијата продолжува и во иднина. На денешната прослава, во духот на обичаите, беше избран и новиот домаќин (кум) кој ќе ја организира градската слава во 2026 година.