Струмичката полиција поднесе кривична пријава против 41-годишен жител на Струмица, кој е осомничен дека предизвикал пожари на трактор и патничко возило во сопственост на две лица од градот.
Од СВР Струмица информираат дека до Основното јавно обвинителство Струмица е поднесена кривична пријава против В.К. (41) поради основано сомнение дека сторил кривични дела „предизвикување општа опасност“ по член 288 и „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 25 јули околу 22 часот и на 26 јули околу 1 часот по полноќ, во Струмица, пријавениот подметнал пожари на трактор сопственост на Ж.Д. (70) и на патничко возило „Киа“, сопственост на К.Т.
Пожарите биле изгаснати по интервенција на екипи на Територијалната противпожарна единица Струмица. Во двата настана нема повредени лица.
Осомничениот бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
По изведувањето пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица, на В.К. му била определена мерка притвор во траење од 30 дена.