Свет

Приведен братот на Виктор Орбан во истрага за шверц на луѓе, поранешниот премиер обвинува за политичка одмазда

Приведен братот на Виктор Орбан во истрага за шверц на луѓе, поранешниот премиер обвинува за политичка одмазда

Истрагата за корупција и криминални активности поврзани со периодот на владеење на Виктор Орбан добива нов развој. Братот на поранешниот унгарски премиер, 49-годишниот Арон Орбан, е приведен во рамки на истрага за трговија со луѓе, соопшти актуелниот премиер Петер Маѓар, пренесува „Гардијан“.

Унгарската Национална канцеларија за заштита и враќање на средства (NVVH), заедно со полицијата, привела четири лица и извршила претреси на повеќе локации во Будимпешта и округот Пешта.

Маѓар, кој информацијата ја соопшти за време на својот престој во Берлин, рече дека покрај братот на Орбан, во притвор се наоѓаат и тројца поранешни министри од неговата влада.

„Тројца поранешни министри на Орбан веќе се во притвор. Неговиот брат веќе денес беше приведен“, изјави Маѓар.

Поранешниот унгарски премиер ги отфрли обвинувањата и приведувањето на својот брат го оцени како политичка одмазда. Во објава на Фејсбук, Орбан тврдеше дека целта е негово отстранување од политичката сцена и воспоставување еднопартиски систем.

„Во оваа валкана игра, целта е елиминирање на политичкиот противник и воспоставување еднопартиски систем. Јас сум целта, мојот помлад брат е само алатка“, напиша Орбан.

Националната канцеларија за заштита и враќање на средства е формирана со задача да ги истражува наводите за корупција од 16-годишното владеење на Орбан, кој ги негираше обвинувањата. По изборниот пораз на Орбан во април, оваа институција стана еден од главните инструменти во антикорупциската кампања на новата унгарска власт. Поранешниот премиер ја нарече истрагата „Операција Чистилиште“.

Според соопштението на надлежните, четворицата приведени се осомничени дека во текот на неколку месеци во 2024 година им помагале на виетнамски државјани да заминат кон Западна Европа.

Истрагата треба да утврди дали осомничените им наплаќале на лицата што аплицирале за визи таканаречена „регрутна такса“ во унгарските дипломатски претставништва во Виетнам, по што парите ги делеле меѓу себе.

Полицијата соопшти дека една жена и тројца мажи се осомничени за шверц на луѓе како дел од организирана криминална група, со мотив за стекнување финансиска корист.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни