Нова полициско-обвинителска акција е во тек поради сомнежи за финансиски злоупотреби во АД „Државна лотарија“. По наредба на Јавното обвинителство, а во координација со Управата за финансиска полиција, се преземаат дејствија и се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Гевгелија, Валандово и други места.
Според неофицијални информации, во рамки на акцијата се приведени неколку лица. Неофицијално, меѓу приведените е и поранешна раководителка на финансискиот сектор во „Државна лотарија“, која ја извршувала функцијата во периодот кога со институцијата раководел Перпарим Бајрами.
Според информациите што се објавуваат во јавноста, предметот се однесува на сомнежи за финансиски злоупотреби во вредност од околу 1,3 милиони евра.
Истрагата, според достапните информации, се поврзува со наводи содржани во извештаи на Државниот завод за ревизија, но Обвинителството постапува и врз основа на сопствени сознанија. Засега од институциите нема официјални детали за лицата опфатени со акцијата, ниту за конкретните кривични дела за кои се сомничат.
Новата акција се случува додека пред Основниот кривичен суд во Скопје веќе се води судска постапка за предметот „Лотарија“, во кој се опфатени осум лица.
На последното рочиште како прв сведок на Обвинителството сведочеше Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во „Државна лотарија“. По серијата прашања од Обвинителството, сведокот беше прогласен за непријателски, по што обвинителите продолжија со вкрстено испрашување.
Петковски негираше дека имал средби со Перпарим Бајрами и Артан Груби. Одбраната на Груби тогаш оцени дека сведочењето потврдило оти во „Државна лотарија“ се работело согласно законските процедури.
Првообвинет во актуелниот предмет е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој извесен период беше недостапен за органите на прогонот, а потоа се предаде и се врати во земјава. Второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој исто така беше недостапен за институциите, но претходно годинава се врати во државата преку граничниот премин „Блаце“.
Според обвинението во предметот „Лотарија“, осум лица во текот на 2023 и 2024 година, наводно, ги пречекориле своите овластувања, со што предизвикале штета на „Државна лотарија“ од над девет милиони евра.
Од Јавното обвинителство засега нема официјална потврда за приведените лица и висината на средствата опфатени со најновата истрага.