„Немојте ве молам. Немојте. 10 години сум бил претседател на Собрание и јас да бидам организатор. Срамота“, рече Трајко Вељаноски.
Не сакаше да зборува пред новинарите, но не зборувал ниту пред судот. Поранешниот претседател на законодавниот дом се повикал на пратеничкиот имунитет, па без да даде исказ, брзо ги напушти судските простории.
Од страна на Основното јавно обвинителство Трајко Вељаноски, но и Спиро Ристоски и Миле Јанакиески, како и уште две други лица, се е осомничени за организатори на настаните од 27 април 2017 година.
Осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето За заедничка Македонија кои кулминираа со насилното влегување во Собранието. Осомничените ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на УБК, на 27 април вечерта донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието, а биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје.
Обвинителката Рускоска вели дека истрагата не се базира само на сведочењето на дел од обвинетите, туку дека поседуваат и материјални докази.
„Никогаш, ниту едно обвинение или истрага не се базира само на сведочење на еден обвинет или сведок. Покрај сдевочењето мора да има и материјални докази, а во овој случај, обвинителството ги поседува“, изјави обвинителката Вилма Рускоска.
Судијката која постапува по предметот 27 април, вели дека не знаела оти посочените лица се на распит во судот. Додава дека утре завршни зборови ќе дадат уште четворица обвинети, а по една недела ќе биде изречена пресудата.
„Се надевам дека за една недела би требало да биде објавена пресудата. Морам да потенцирам дека законскиот рок за објава на пресуда е три дена, секогаш се придржувам на тој рок, но сите знаете дека тука се работи за преобемен, претежок предмет и поради тоа ќе ми треба една недела“, изјави судијката Добрила Кацарска.
Поради можноста за бегство, влијание врз сведоци и попречување на истрагата обвинителството бара притвор за осомничените. Сепак, Вељаноски барем сега нема да оди во „Шутка“, затоа што го штити пратеничкиот имунитет. За утре обвинителството најави детални информации за истрагата.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ