Вонпарламентарните партии ги интензивираа партиските активности во сите изборни единици со цел да ја промовираат нивната програма до сите граѓани.
Лидерот на Македонски концепт Петар Богојески заедно со носителката на изборна листа за ИЕ2, Снежана Костадиноска-Милошеска ги посетија производствените погони на Чик Куманово.
„Единствена мерка која може да помогне за зголемување на процентот на ефикасност и продуктивност во сите гранки во индустријата во Македонија е намалување на работното време скалесто, почнувајќи прво на 7, за подоцна да се сведе на 6 работни часови“, рече Богојески.
Лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски од Велес им вети на граѓаните враќање на македонското национално единство.
„Нашата политичка визија, основен фокус е враќање на македонското национално единство и востоличување на македонскиот националнен стратегиски интерес во соседството и насекаде низ светот“, истакна Ристовски.
Мирјана Најчевска од Твоја партија во своето обраќање рече дека Македонија е сиромашна држава во која што нема потреба од толку пратеници и министерства колку ги има сега.
„Нема ништо да се промени се додека функсионерите и политичарите не почнат да го живеат животот на обичните граѓани. Да почнеме со тоа да одат на работа со исти автобуси и возови како граѓаните.“, рече Најчевска.
Од Левица со ветување дека во парламентот ќе се борат за повеќе права на работниците. Во Кичево, носителката од ИЕ5 Јована Мојсоска вети дека ќе постават нови принципи во Парламентот.
„Може да ги поставиме стандардите на едно повисоко ниво за целиот народ а не само за елитите“, вели Мојсоска.
Утре е последен ден од предизборната кампања, бидејќи на полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае се до среда до 21 часот.
.