Енормното загадување на воздухот не ги наполни само чекалните во болниците, туку ги испразни и рафтовите во продавниците за бела техника и аптеките. Граѓаните во паника бараат спас од отровите, но се судираат со нов проблем – нема залихи.
Обиколката низ поголемите салони за техника во Скопје и другите загадени градови дава иста слика: делот каде што стојат прочистувачите за воздух е празен или има останато само некој екстремно скап модел.
Трговците велат дека интересот е зголемен за 300% во споредба со минатиот месец.
„Немаме ништо на залиха. Сè што имавме се распродаде уште викендов кога загадувањето ги помина сите граници. Правиме списоци за чекање, луѓето се јавуваат и резервираат уште пред да стигне робата. Дури и најскапите модели од над 30.000 денари се купуваат без прашање“, велат продавачите во еден од поголемите ланци за техника.
Нови пратки се очекуваат, но и тие се неизвесни поради големата побарувачка во целиот регион.
Слична е ситуацијата и во аптеките. Откако лекарите апелираа да се носат заштитни маски на отворено, особено оние со филтри KN95 или N95, граѓаните масовно почнаа да ги купуваат.
„Обичните хируршки маски ги има, но граѓаните знаат дека тие не штитат од ПМ честички. Оние со филтри, KN95, се наоѓаат многу ретко. Добиваме мали количини кои веднаш се трошат. Луѓето влегуваат и прашуваат само за тоа, одат од аптека во аптека“, велат фармацевтите.
Ситуацијата потсетува на почетокот на пандемијата, само што овојпат непријателот е видлив и мириса на чад. Додека институциите препорачуваат „седење дома“, оние што мораат да излезат се снаоѓаат како знаат и умеат, честопати користејќи шалови кои нудат минимална или никаква заштита.
