На Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ не му се допаѓа нивото на комуникација на неговиот коалициски партнер Максим Димитриевски од Движењето „ЗНАМ“. Таравари ја даде ваквата оценка, откако Димитриевски вчера ја повика коалицијата „Вреди“ да се корегира. Според Димитриевски, граѓаните веќе не се заложници на национални платформи и теми за знамиња, туку сакаат подобар животен стандард. Од друга страна, Таравари реплицира дека на Димитриевски ќе му требаат албанските гласови на идните локални избори.
„Тие се партнер на нашиот партнер, го почитуваме тоа, но мора да направат корекција на самите себеси. Мислам дека е погрешно да го имитираат ДУИ. ДУИ е веќе видена работа и е минато.“, вели Димитриевски.
„Господинот Димитриевски гледам дека сака да поентира за да добива политичка поддршка. Јас го потсетувам дека пред три години беше избран како градоначалник со огромен број албански гласови. Идната година се локалните избори и најверојатно повторно ќе му требаат.“, изјави Таравари.
Односите во владејачката коалиција ги коментираа и социјалдемократите. Оттаму велат дека нивниот поранешен сопартиец Димитриевски го интересираат само функции и не е никаков фактор на стабилност во власта, иако најавувал дека ќе биде контролор на работата на албанските партии.
„Обидите на ЗНАМ и Максим Димитриевски да се дистанцира од Вреди се најблаго кажано трагикомични. Прво се посрамотија со тоа што најавуваа дека при првиот скандал ќе излезат од Владата, а сега удобно си седат во фотељите после низа скандали. Сега дополнително се посрамотуваат и се обидуваат да фингираат некаква расправија со цел да ја намалат штетата.“, рече Кузеска.
Владејачките ВРЕДИ и ЗНАМ не наоѓаат заеднички јазик за повеќе теми, меѓу кои и за балансерот и идејата за Албанската академија за науки, а премиерот Христијан Мицкоски претходно кажа дека во едно семејство не сите секогаш се сложуваат.

