Поради засилената сеизмичка активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, училиштата на Санторини, Иос, Аморгос и Анафи ќе останат затворени и во текот на следната седмица, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во својата неделна објава на Фејсбук.
Учебните институции на овие острови се затворени од почетокот на месецов поради зачестените земјотреси, а новата одлука ќе важи до петок, 21 февруари. Ова значи дека веќе трета недела наставата е во прекин.
Мицотакис, во својот традиционален неделен преглед, ја започна објавата со осврт на земјотресите:
„Научниците веќе зборуваат за појава без преседан, со променлива динамика, што засега не дозволува сигурна проценка за нејзиниот понатамошен развој. Стручните тимови го следат секој момент, анализирајќи ги податоците од ден на ден. Државниот механизам е во состојба на готовност, а ние преземаме соодветни превентивни мерки во согласност со препораките на експертите од Комисијата за процена на сеизмичка опасност и мониторинг на вулканската активност при Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП)“, напиша Мицотакис.
Надлежните комисии денеска ќе одржат состанок за проценка на ситуацијата, а грчкиот премиер повторно ги повика граѓаните да ги почитуваат упатствата – да избегнуваат престој во затворени јавни простори и да не се приближуваат до напуштени градби или нестабилни објекти.
„Безбедноста е приоритет, но бидејќи продолжената сеизмичка активност носи и економски последици за работниците и бизнисите, воведовме специјални мерки за поддршка. Сите работодавачи од приватниот сектор во општините Санторини и Аморгос, каде што е прогласена вонредна состојба, можат да ги суспендираат договорите на своите вработени во периодот од 1 февруари до 3 март 2025 година. Оние чии договори ќе бидат суспендирани ќе добијат специјален наменски надоместок од 534 евра“, објасни Мицотакис.
Тој нагласи дека оваа мерка е целосно покриена од државниот буџет и дека компаниите што ќе ја искористат немаат право да вршат отпуштања во наведениот период.
Во изминатите три дена во близина на Санторини не се регистрирани земјотреси со јачина од пет или повеќе степени, иако сеизмичката активност сè уште трае.
Според податоците на Интердисциплинарниот комитет за управување со ризици и кризи при Атинскиот универзитет, од почетокот на оваа сеизмичка серија на 26 јануари до 13 февруари, во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос биле регистрирани над 18.400 земјотреси, од кои повеќе од 16.200 биле со јачина над еден степен.