Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Обвинети за овој случај се Љупчо Палевски – Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. На денешното рочиште судот треба да се изјасни за барањето на првообвинетиот Палевски за изземање на судијата, поради наводна спрега меѓу судот, полицијата и Обвинителството. Палевски тврди дека судијата не покажал интерес за пронаоѓање на оружјето со кое се извршени убиствата, како и за доставување на пронајдената чаура како доказ.
Случајот е во доказна постапка и се очекува продолжување со изведување на материјални докази. На претходното рочиште обвинителката Крстевска ги презентираше 180 од вкупно 197 докази. Овие докази вклучуваат локациите на кои биле пронајдени жртвите, наоди од увидите, обдукциските извештаи, психијатриските вештачења и други материјални траги.
Според обвинението, жртвите биле убиени со истрел во главата од непосредна близина со куршум од калибар 9 милиметри. ДНК анализата од самолепливата лента која била поставена на устата на Вања укажува на траги од обвинетиот Велибор Манев. Обдукциските извештаи потврдуваат дека жртвите биле живи во моментот на егзекуцијата.
На првото рочиште обвинетите изјавија дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на девојчето за да изнудат пари од нејзиното семејство, а велешанецот Панче Жежовски бил грабнат за да им го предаде своето возило, со кое планирале да го извршат грабнувањето.
Трагичниот случај се случи во ноември 2023 година, кога Вања и Панче беа пријавени за исчезнати. Тие беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година во близина на Скопје и Велес.