Градежното вештачење за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 230 беа повредени, беше главна тема на денешното рочиште против 34-те обвинети.
Пред Судот сведочеше професорот од Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, кој заедно со тим од повеќе професори го изготвил вештачењето за причините и околностите што довеле до катастрофата.
„Ова е еден од поважните докази во предметот. Ве молам зборувајте јасно и полека и секако, треба да положите заклетва пред овој Суд дека ќе ја зборувате вистината“, изјавила судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на рочиштето.
Покрај Марковски, во судницата биле присутни и останатите членови на стручниот тим – Викторија Димовска-Скаричева, Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, Маријана Лазаревска, Владимир Витанов и Слободан Огњеновиќ.
Марковски посочи дека пред неколку дена ги добиле и вештачењата на одбраната, но дека тие, според него, не откриле различни факти, туку различни толкувања на утврдените наоди.
Одговарајќи на прашање на обвинителот Дарко Јакимовски дали во објектот биле преземени мерки за спречување на пожарот и заштита на гостите, професорот рече дека такви мерки не биле пронајдени.
„За жал, не најдовме“, одговорил Марковски.
Во своето сведочење тој направи споредба со земјотресите во Хаити и Чиле, посочувајќи дека бројот на жртви често зависи од тоа дали се почитуваат стандардите и дали постои функционален систем за безбедност.
„Градежното вештачење, за жал, покажа дека во случајот ‘Пулс’ системот, односно институциите и поединците, целосно не функционирал. Не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите“, рече Марковски.
Тој нагласи дека посетителите на еден објект не можат сами да проверуваат дали се исполнети условите за нивна безбедност.
„Не може да се очекува од гостите дали користат стан, кино, дискотека, училиште или мол, сами да истражуваат дали нивната безбедност е обезбедена“, рече професорот.
Според него, намената на објектите мора да биде усогласена со урбанистичките планови и прописите, бидејќи бројот на луѓе кои престојуваат во еден простор директно влијае врз безбедносните стандарди.
Марковски посочи дека во случај на пожар, носечкиот систем на објектот треба да обезбеди доволно време за евакуација и спасување.
„Во ‘Пулс’ носечкиот систем се стопил веднаш, покривот веднаш паднал. Бил краткотраен, зашто не е за диско ни за кабаре“, изјави тој.
Тој додаде дека во објектот немало соодветна заштита ниту од ширење на пожарот, ниту услови за безбедно напуштање на просторот и работа на спасувачките екипи.
„Заклучок: Од заштита од пожар во објектот ‘Пулс’ немало ништо“, рече Марковски.
Според него, проблемите произлегуваат и од начинот на кој била извршена реконструкцијата на објектот.
„При реконструкцијата на објектот, безбедноста на луѓето воопшто не била земена предвид“, одговори професорот.
Сведочењето на вештаците продолжува во рамки на судскиот процес.