Македонија

Професорската тројка ја почна трката, со каква реторика влегуваат претседателските кандидати

Тројцата претседателски кандидати, професорите Пендаровски, Силјановска и Река деновиве како да ја започнаа кампањата и се во центарот на интересот на јавноста. Иако до официјалниот старт на изборната кампања има уште три недели трката во средби со граѓани, присутност на јавни настани, но и постојани интервјуа тројцата кандидати ја почнаа. Заедничкиот кандидат на СДСМ и ДУИ Пендаровски во вчерашниот магазин Клик плус на Тв 21 меѓу другото говореше за Преспанскиот договор што се очекува да биде присутна тема во неговата кампања.

„Јас навистина би сакал да го поништиме овој договор, да отвориме процес на нови преговори и на крај да добиеме подобар договор. Невозможно е. Ги знаеме луѓето кои се во Грција сега и овие што евентуално ќе дојдат утре, знаеме што меѓународниот фактор мисли“, изјави Стево Пендаровски – претседателски канидат на СДСМ и ДУИ.

На темата Преспански договор и промената на името во секојдневните средби со граѓаните најчесто говори Гордана Силјановска, претседателски кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ . Нејзините ставови за овие теми се спротивни од оние на Пендаровски и најчесто излегува со контрареакции на неговите изјави. Но запрашана за коментар како гледа на против-кандидатот Блерим Река во изјава за ТВ21 вели:

„Господинот Блерим Река го познавам и приватно и научно, витешка борба мислам дека ќе се развие со респект и претпоставувам дека ќе биде тоа ново во изборниот дискурс кој во претходните периоди немаше многу витештво, па ќе видиме“, изјави Гордана Силјановска – претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Професорот Блерим Река зад чија кандидатура застанаа Алијансата на Албанците и Беса очекува дека ќе ги добие гласовите на Албанците. Уште на самиот старт на официјализирањето на неговата кандидатура рече дека Албанците не треба да бидат гласачи, туку да бидат и гласани. Најавува општа кампања за владеење на правото и функционална демократија.

„Можеме ли да добиеме датум со политизирано судство со непотизирана јавна администрација со неизвесно специјално обвинителство со жкорумпирано, не само судство туку и државни инструменти. Со имунизирани пратеници кои се обвинети и со амнестирани криминалци“, изјави Блерим Река – претседателски канидат на Алијанса за Албанците и БЕСА.

Официјалната кампања на претседателските избори започнува на први април, а извесно е дека во 6-те по ред претседателски избори ќе влезат само тројца кандидати.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни