Пропадна средбата меѓу Трамп и Путин

Судејќи според сè, најавената средба меѓу Трамп и Путин, која требаше да се одржи во Будимпешта следната недела, пропадна.

Белата куќа потврди дека „нема планови“ за состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин „во блиска иднина“.

Минатиот четврток Трамп изјави дека тој и Путин ќе одржат разговори во Будимпешта во рок од две недели, со цел да разговараат за војната во Украина. Меѓутоа, подготвителната средба меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, која требаше да се одржи оваа недела, е откажана.

Белата куќа објасни дека двајцата дипломати имале „продуктивен“ телефонски разговор и дека состанокот повеќе не е „неопходен“, пренесува Би-Би-Си.

Дополнителни информации за причините за одложувањето на разговорите не се соопштени.

Во понеделникот, Трамп ја поддржа идејата за замрзнување на конфликтот долж актуелната линија на фронтот, особено во спорниот Донбас на истокот на Украина, сугерирајќи дека „нека остане како што е“.

Сепак, Русија доследно се противи на идејата за замрзнување на линијата на фронтот. Лавров во вторникот изјави дека Москва сака да постигне „долгорочен, одржлив мир“, имплицирајќи дека замрзнувањето на фронтот би претставувало само привремен прекин на огнот.