Протекоа документи: Русија ѝ помага на Кина да се подготви за инвазија на Тајван

Според анализата на документите протечени од хакерската група „Црна месечина“, Москва наводно се согласила да помогне во обуката и опремувањето на кинескиот воздушно-десантски баталјон за евентуална инвазија на Тајван, пишува „Киев Индепендент“ .

Хакерската група објави детали од анализата на социјалната мрежа X. „Врз основа на документи добиени од хакерите од групата „Црна месечина“, експертите од Кралскиот институт за одбранбени и безбедносни студии (RUSI) обезбедија фактичка анализа и прогноза за опасностите што ги претставува руско-кинескиот проект чија цел е подготовка на воздушен напад врз Тајван од страна на кинеската војска во 2027 година“, се вели во соопштението.

Британскиот тинк-тенк RUSI објави дека Кина сè уште нема капацитети за воздушно маневрирање неопходни за инвазија на Тајван. Според нивната анализа, Русија се согласила уште во 2023 година да ја снабди кинеската војска со оружје потребно за опремување на десантен баталјон, како и технологија за зголемување на домашното производство.

Протечените договори наводно откриваат дека Русија ќе ѝ обезбеди на Кина 37 лесни амфибиски јуришни возила со автоматски топови, 11 лесни амфибиски противтенковски самоодни топови, 11 воздушно-оклопни транспортери и неодреден број командни и набљудувачки возила.

Иако кинеската војска се смета за понапредна од руската во некои сегменти, Кремљ има искуство во воздушно-борбени операции што му недостасува на Пекинг, објави „Вашингтон пост“. Поради зголемената изолација на Западот по целосната инвазија на Украина, Русија се сврте кон Кина како клучен трговски партнер, што доведе и до зајакнување на воената соработка.

Коментирајќи ги протечените документи, неименуван тајвански безбедносен службеник за „Вашингтон пост“ изјави: „Воената соработка меѓу Кина и Русија оди многу подалеку од она што е јавно признато“.

На почетокот на септември, рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му се придружија на кинескиот претседател Си Џинпинг на големата воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија. Иако Кина официјално тврди дека е неутрална во војната на Русија против Украина, таа индиректно ја поддржа Москва преку континуирана трговија и снабдување со стоки со двојна намена.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.