Протест на ССМ пред Стопанската комора за повисоки плати на работниците

Со блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска ќе го одржи вториот протест од серијата најавени активности за зголемување на минималната плата. Протестот, според најавите, ќе започне во 12 часот.

ССМ бара минималната плата да изнесува најмалку 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари. Од Синдикатот велат дека протестите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат прифатени.

Во вторникот членовите на ССМ го блокираа Собранието, испраќајќи порака дека пратениците повеќе од една година го кочат законот за зголемување на минималната плата и не ја прифаќаат иницијативата за намалување на функционерските плати.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на вчерашната прес-конференција изјави дека и на денешниот протест ќе има 21 претставник на Синдикатот, што е законскиот минимум за организирање блокада. Тој ги повика работниците да се приклучат, макар и на кратко, нагласувајќи дека поддршката е важна.

Трендафилов најави дека по завршувањето на блокадите ќе биде организиран голем работнички протест во неработен ден, со цел да се овозможи масовност. Доколку, како што рече, продолжи игнорантскиот однос од страна на властите и работодавачите, ќе следува и генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.

Премиерот Христијан Мицкоски во вторникот оцени дека протестите и блокадите имаат политичка заднина. Тој изјави дека Владата ги исполнила своите обврски со договорите постигнати со Синдикатот на УПОЗ и со Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството за зголемување на платите на околу 11.000 административци до 2028 година.

Во меѓувреме, случувањата добија и политичка димензија по објавата на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, која на својот фејсбук-профил објави видео во кое, како што наведе, Трендафилов со службено возило извршува приватни обврски.

Трендафилов побара од МВР и од Обвинителството да поведат постапка против пратеничката, тврдејќи дека со објавата биле злоупотребени неговите малолетни деца. Тој побара и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да се поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Трендафилов се обидува да се прикаже како жртва, оценувајќи дека протестите пред Собранието доживеале неуспех. Пратениците од нивната пратеничка група во заедничко соопштение ја бранеа Стојаноска, наведувајќи дека станува збор за обид да се оттргне вниманието од, како што велат, начинот на кој се трошат средствата на Синдикатот.

Протестните активности на ССМ продолжуваат во услови на заострена реторика меѓу Синдикатот, Владата и дел од владејачкото мнозинство.