53.972 гласачи се проверени за претседателските избори и предвремените избори за градоначалници во општините Охрид, Ново Село и Дебар. За 517 граѓани е донесена одлука за запишување во Избирачкиот список, а за 412 е донесена одлука да се избришат, додека за 120 е направена измена на податоците во списокот. Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани рече дека на 19 март ќе се достави списокот до политичките партии и дека на 29 март ќе биде затворен.
-Треба да кажеме дека Избирачкиот список до 19 март ќе се достави до политичките партии и ќе имаат можност да реагираат за истиот, а потоа списокот може да се затвори од страна на ДИК на 29 март. Потоа избирачкиот список ќе биде потпишан од Комисијата и ќе се постави на гласачките места на денот на изборите – изјави Шабани.
Што се однесува до изборите во дијаспората, Шабани вели дека пристигнале 1800 пријави во електронска форма и дека следната недела ќе се проверат.
-Се уште се пополнуваат пријавите кои лично се доставени до дипломатските претставништва на РСМ во другите држави, а пријавите кои се пристигнати во електронска форма се процесирани од наша страна и што се однесува до оваа варијанта на пријавување, има некаде околу 1800 пријави и оваа бројка ќе се провери во текот на следната недела.-вели Шабани.
Пред неколку дена, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски рече дека за спроведување и организација на изборите, ќе направи се што е потребно изборите да бидат регуларни.
Увидот во избирачкиот список траеше од 23 февруари до 14 март. Се спроведе во просториите на ДИК и 46 канцеларии отворени во единиците на локалната самоуправа. Според ДИК, проверката поминала без никаков проблем во редовна постапка и според упатствата дадени нивна страна. Претседателските избори ќе се одржат на 21 април.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ