Прва јавна расправа за нацрт амандманите во Владата

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа првата од серијата дебати во рамките на јавната расправа за нацрт амандманите за уставни измени.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се заблагодари за големиот број присутни и за нагласениот интерес за вклучување во јавната расправа за прашањата што се отворија во Собранието и во јавноста во досегашниот процес на уставни измени.

Премиерот Заев потсети дека овој процес е резултат на Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Република Грција, и дека со него и со уставните измени за нашата земја се отвораат перспективите за нашето членство во ЕУ и НАТО.

„Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“, нагласи премиерот Заев, и уште еднаш потенцираше дека измените на Уставот ќе важат ОТКАКО Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога, во ист ден, ќе ги ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО.

„Ова е дополнителна заштита за нас. Доколку Грција не ги исполни своите обврски, тогаш нема да важат измените на Уставот. Ова е гаранцијата што беше побарана и од собраниската говорница кога се одлучуваше дали да се отвори овој процес, и што за нас беше апсолутно прифатлива“, рече премиерот Заев во своето воведно обраќање.

Во продолжение на дебатата, збор зедоа професорите на Правниот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, д-р Љубомир Фрчкоски и д-р Владо Поповски.

Професорот Фрчкоски на почетокот од своето експозе истакна дека предложените уставни измени се од интерес на граѓаните и дека не го загрозуваат граѓанскиот концепт на Уставот на РМ. Исто така, според него, предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во Уставот, и дека  сите предложени решенија се во рамките на уставно-правниот јазик.

Во своето обраќање на оваа јавна расправа за уставните измени во Владата на РМ, професорот Владо Поповски истакна дека дебатата создава добра основа за креирање и имплементирање на најдобрите решенија за утврдување на конечните амандмани и дека е исклучително значаен придонес за основната цела заради која се носат уставните измени.

Првата отворена јавна расправа за нацрт амандманите за уставни измени во Владата на РМ, премиерот Заев ја заврши со потсетување дека Владата има обврска забелешките, сугестиите и предлозите по нацрт амандманите на Уставот на граѓаните, на политичките партии, здруженија на граѓани, на органи и организации, како и на другите учесници во расправата, два дена после јавната расправа, да ги сумира и на Собранието да му достави извештај за резултатите од јавната дискусија и Текст на предлогот на амандманите.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното