Мало птичјо гнездо направено од оптички влакна и сува трева пронајдено во близина на фронтовската линија во Украина покажува како повеќе од четири години конфликт ја трансформираат животната средина, велат истражувачите.
Областите долж фронтовската линија од 1.200 километри се испреплетени со многу тенки оптички влакна. Тие ги користат и украинските и руските војници за насочување на борбени беспилотни летала, бидејќи технологијата ги прави имуни на електронско блокирање.
Влакната, кои можат да бидат долги до 20 километри, висат заплеткани во гранките на дрвјата, се расфрлани низ полињата и на покривите на зградите во регионите на фронтовската линија на Украина, блескајќи на сонцето како џиновски пајажини, забележува Ројтерс.
Птиците веќе почнаа да ја преземаат улогата на „градители“, користејќи фрлени жици за да ги градат своите гнезда, вели Јана Гринко, виш истражувачки соработник во Воениот музеј во Киев, додека внимателно испитува две кревки гнезда испратени во музејот од војниците на фронтот. „Наодите како овие птичји гнезда со парчиња оптички влакна во нив јасно покажуваат како се менува самата природа на војната“, забележува Гринко.
Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година со тенкови, оклопни возила и артилерија. Во обид да ја компензира супериорноста на Москва во конвенционалното оружје, Киев инвестираше огромни ресурси во развој на беспилотни летала. Денес, беспилотните летала целосно доминираат на бојното поле, пишува Ројтерс.
Јана Хринко додава дека научниците сè уште не знаат какви птици ги граделе гнездата, ниту пак точно како успеале да ги соберат долгите влакна. „Првото гнездо е направено претежно од сува трева и оптички влакна. Ткаено е доста цврсто“, објаснува таа.