Кадир Кара, турскиот државјанин обвинет за убиство со умисла на својот сонародник Енес Оздемир, денеска пред судот го призна делото. Сепак, тој понуди своја верзија за крвавиот инцидент што се случи во центарот на Штип, тврдејќи дека не се работи за планирана ликвидација, туку за чин на самоодбрана.
На денешното судско рочиште, обвинетиот раскажа дека во кафулето отишол со намера само да разговара со жртвата.
„Убиство на миг“ или организирана ликвидација?
Кара во својата одбрана истакна дека ситуацијата излегла од контрола кога забележал дека Оздемир не е сам.
„Видов дека таму има седуммина луѓе блиски на убиениот. Проценив дека ми подготвуваат заседа и убиството го сторив за да се одбранам“, изјави обвинетиот пред судот.
Врз основа на ова, неговиот адвокат смета дека правната квалификација треба да биде „убиство на миг“, а не убиство со умисла, бидејќи обвинетиот реагирал импулсивно поради страв за сопствениот живот.
Обвинителство: Дрско и организирано убиство со лажни идентитети
Наспроти тврдењата на одбраната, обвинителството тврди дека се работи за добро организирана акција. Петмината инволвирани се товарат дека на 8 мај годинава во Штип извршиле дрско убиство со логистичка поддршка.
Она што фрла сенка врз тврдењето за „невиност“ е криминалното минато на групата:
- Главниот обвинет (Кара) имал непријавен престој во државата и поседувал оружје без дозвола. Тој веќе бил осудуван во Турција за слични кривични дела.
- Двајца од обвинетите за помагање, исто така, имале досиеја во Турција, а во Македонија се криеле користејќи лажни идентитети.
