Албанската министерка за внатрешни работи, Албана Кочиу, донесе одлука да го разреши својот заменик, Анди Махила, поради непочитување на забраната за пушење во угостителски објект.
Во објава на својата официјална страница на „Фејсбук“, Кочиу истакна дека до ваквата мерка дошло откако добила претставка од албански државјанин кој живее во Њујорк.
Според жалбата, Махила за време на службен престој во САД пушел цигари во ресторан, што предизвикало револт кај присутните гости.
„Од граѓанин што живее во Њујорк добив пријава дека заменик-министерот за внатрешни работи пушел цигари во ресторан, во присуство на него и неговото семејство. По направената проверка, ја донесов одлуката за негово разрешување“, наведе министерката.
Кочиу нагласи дека станува збор за сериозно прекршување на правилата и дека ваквото однесување не може да се оправда.
„Ненамерни грешки се разбирливи, но пушењето во ресторан не може да се смета за таква. Тоа е свесно кршење на законот, што е неприфатливо, особено за функционер на Министерството за внатрешни работи“, истакна таа.
Албана Кочиу е првата жена која застанала на чело на албанската полиција. Во претходната влада таа ја извршуваше функцијата министерка за здравство.