Балкан

Пуштена во сообраќај уште една делница од автопатот Елбасан – Ќафасан: Се забрзува поврзувањето на Коридорот 8

Пуштена во сообраќај уште една делница од автопатот Елбасан – Ќафасан: Се забрзува поврзувањето на Коридорот 8

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека е пуштена за сообраќај уште една значајна делница од автопатот Елбасан – Граничен премин Ќафасан, на граничната линија меѓу Албанија и Северна Македонија кај Струга.

Станува збор за втората функционална делница на овој потег, лоцирана помеѓу селата Лабинот-Фуш и Мирак, по онаа што беше пуштена во јуни пред две години.

Пократко патување и поголема безбедност

„Отворањето на овој сегмент го подобрува сообраќајот, ја зголемува безбедноста на патиштата, го скратува времето на патување и го олеснува транспортот на граѓани и стоки“, истакна Рама во објава на социјалните мрежи, пренесува новинската агенција АТА.

Патниот правец Ќафасан – Елбасан, кој претставува клучен дел од паневропскиот Коридор 8, е од категорија Б и е со вкупна должина од 50,12 километри. Автопатот се гради според сите современи стандарди:

  • Две коловозни ленти во секоја насока и централен разделен појас;
  • Мостови, тунели и заштитни објекти долж реката Шкумбин;
  • Проектирана брзина на движење до 110 km/h.

По целосното завршување на проектот, патувањето од Елбасан до Ќафасан ќе трае околу 30 минути, за разлика од досегашните повеќе од час и половина.

Напредок на Коридорот 8

Коридорот 8 е стратешка инфраструктурна оска која ги поврзува пристаништето Бари во Италија со пристаништата Варна и Бургас во Бугарија, поминувајќи низ територијата на Албанија и Северна Македонија.

Во моментот, патната мрежа на овој коридор е завршена околу 70 проценти. Додека патниот дел се засили, железничкиот дел сè уште чека на изградба на прекуграничните деделници меѓу Албанија, Северна Македонија и Бугарија, чие комплетно поврзување е планирано да се финализира до 2030 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни