Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа (RFE) ќе престане со работа на 31 март поради укинување на американското финансирање, дознава АФП од двајца вработени, неколку недели откако слично сценарио беше најавено и за Романија.
Тимот активно работи на решение кое „ќе ни овозможи да продолжиме да ѝ служиме на нашата публика“, изјавил еден од изворите од радиото, барајќи анонимност до официјалното соопштение.
Директорката на сервисот Слободна Европа Романија, Елена Вијулие Танасе, исто така најави негово затворање на 31 март во објава на Фејсбук пред две недели.
„Ова секако се лоши вести. И не само за моите колеги и за мене“, напиша таа, нагласувајќи дека останала само „шака професионални новинари, во време кога нашата работа е потребна на толку многу фронтови“.
Трамп го укина финансирањето
Управата на RFE во Прага не одговорила на прашањата на АФП. „Разбираме дека Радио Слободна Европа морало да направи кратења за да ги зачува сите свои активности, вклучително и емитувањето во диктатури како Русија“, изјави Павол Салај, директор на Репортери без граници (RSF) во Чешка, за АФП.
Сепак, овие затворања „ќе го загрозат правото на граѓаните на доверливи информации“, додаде тој, истакнувајќи дека „ризикот е уште поголем во Бугарија, која ја очекуваат избори, а веќе има мал број независни медиуми“.
Најавено е и затворање на радиото во Унгарија кон крајот на ноември, со одлука на американската влада со цел да се смири унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан, сојузник на Доналд Трамп. Бугарија и Романија беа меѓу првите земји што ги покриваше Радио Слободна Европа/Радио Слобода кога беше основано во 1950 година.
Радиостаницата, која делумно била финансирана од ЦИА до раните 1970-ти години, одигра клучна улога во ширењето информации зад Железната завеса, и покрај редовните обиди на комунистичките власти да го попречуваат нејзиниот сигнал и притисоците врз нејзините новинари.
