Рама: Нашиот регион сака да расте заедно со Европа, а не на нејзина штета

Регионалните лидери денес се собраа во Тирана на самитот посветен на Планот за раст „Нашиот пат кон ЕУ“, каде земјите од Западен Балкан уште еднаш ја потврдија подготвеноста за забрзување на европските интеграции. На состанокот присуствуваше и европската комесарка за проширување Марта Кос, што му даде дополнителна тежина на процесот.

Во своето обраќање, албанскиот премиер Еди Рама истакна дека регионот се наоѓа во фаза на суштински реформи, промените кои – како што посочи – не се спроведуваат заради очекувања од Брисел, туку заради потребата да се изгради европски модел на управување во самите држави. Финансискиот пакет од 490 милиони евра, што ги опфаќа јавните финансии, енергетиката и други важни сектори, е клучен поттик за овие процеси.

Рама нагласи дека Западен Балкан треба да биде активен учесник во европските политики, а не набљудувач од страна.

„Нашиот регион сака да расте заедно со Европа, а не на нејзина штета. НАТО веќе го потврди значењето на Коридорот 8 како важна безбедносна врска, а преку Планот за раст гледаме можност за уште поголемо поврзување. Премногу шанси во минатото беа пропуштени поради недостаток на заедничка акција. Овојпат сме решени да останеме на вистинскиот курс – кон европскиот пазар и неговите четири слободи,“ изјави Рама.

Тој посебно се осврна и на дигиталната трансформација, најавувајќи дека од следната година земјите од регионот ќе воведат заедничко решение за дигитален идентитет, усогласено со системот кој ЕУ планира да го активира во 2027 година. Во однос на граничните премини, Рама оцени дека е неопходно забрзување на процедурите за премин, со порака дека границите треба да станат фактор на развој, а не пречка.

Со пораките од самитот, лидерите од регионот уште еднаш акцентираа дека европската интеграција на Западен Балкан не е чин на барање, туку процес што мора да го потврди капацитетот на државите за реформи, стабилност и целосно приближување кон европските стандарди.