Цените на становите во Европската унија (ЕУ) пораснале за 3,8 отсто на годишно ниво во третиот квартал од минатата година, додека кириите во истиот период пораснале во просек за 3,2 отсто, објави Евростат.
Во однос на вториот квартал од минатата година, цените на становите се зголемени за 1,4 отсто, а кириите за 0,9 отсто, пренесува Танјуг.
Како што се наведува во извештајот, годишен пораст на цените на станбените недвижности во третиот квартал од минатата година е забележан во 22 земји-членки на ЕУ, пад на цените во четири земји, додека во еден случај податоците сè уште не се познати.
Највисок годишен пораст на цените на становите е забележан во Бугарија 16,5 отсто, Полска 14,4 отсто, Унгарија 13,4 отсто, Хрватска 12,3 отсто и Холандија 10,3 отсто, а најголем пад во Франција 3,5 отсто, Финска 2, 8 отсто и Луксембург 1,7 отсто.
Од долгорочна перспектива, цените на становите во ЕУ се зголемија за 54,1 отсто од 2010 година до третиот квартал од минатата година, а кириите за 26 отсто.
Во наведениот период, цените на становите се зголемени за повеќе од тројно во Унгарија и Естонија, поскапувајќи по 230 отсто, додека повеќе од двојно се зголемиле во Литванија – раст од 181 отсто, Латвија 154 отсто, Чешка 135 отсто, Австрија 114 отсто, Португалија 113 отсто, Бугарија 110 отсто и Луксембург 103 отсто.