Косовските институции и служби формирани според Бриселскиот договор, од денеска се без Срби. Вработените ги напуштија локалната самоуправа, судството и полицијата. Сите српски судии го завршија процесот на повлекување од Основниот суд во северниот дел на Косовска Митровица.
„Денеска судиите кои вчера не дојдоа да ја испратат својата оставка до Судскиот совет на Косово, тоа го сторија со официјални мејлови. Србите дадоа оставки и сега чекаме начин да ги раздолжиме предметите, опремата и канцелариите‘, изјави Никола Кабашиќ, судијата на Апелациониот суд и член на Судскиот совет во Приштина.
„Направивме добар план како да не пропуштиме ниту еден рок. Нашите колеги Албанци ги презедоа предметите кои имаат итна природа. Со нив никогаш не сме имале проблем, соработувавме професионално“, вели Љиљана Стевановиќ, судија.
Во меѓувреме се очекуваат дипломатски и политички решенија меѓу локалните Срби и владата во Приштина. Шефот на српската дипломатија Дачиќ вели дека ако САД и ЕУ не можат да излезат на крај со Курти, тогаш тоа е нивна немоќ.
„Обврска и на ЕУ е да се формира Заедницата на Српски општини, не само на Курти. Кетрин Ештон го потпиша овој договор. Ако САД и ЕУ не можат да се справат со Курти, тогаш тоа е или нивна немоќ или нивна премолчена согласност. Би сакале оваа ситуација да трае што е можно пократко. Ќе направиме се за да го зачуваме мирот“, изјави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Белград и Приштина треба веднаш да ги намалат тензиите на терен и да работат на изнаоѓање европско решение за проблемот со регистарските таблички, а Приштина има јасна обврска веднаш да преземе чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини, велат од Брисел.
„Сегашната ситуација може да има последици не само за Белград и Приштина, туку и за стабилноста на целиот регион. Ги повикуваме двете страни да бидат одговорни и да најдат европско решение за проблемот. Дијалогот меѓу двете страни, со посредство на ЕУ, е единствениот начин да се надмине сегашната ситуација“, изјави портпаролот на ЕУ, Петар Стано.
Косовскиот премиер и натаму останува на ставот дека „не може да се загрозат законитоста и уставноста додека дијалогот и институциите немаат алтернатива“.